Со свечена академија во Македонската опера и балет, Универзитет Скопје одбележа 20 години постоење, посветеност на високото образование, развојот на науката и градењето меѓународни академски партнерства. На јубилејната свеченост присуствуваа угледни гости од земјата и странство, професори и научници, ректори и претставници на универзитети, членови на дипломатскиот кор, претставници на државните институции и деловната заедница, како и долгогодишни соработници и пријатели на Универзитетот Свеченоста беше посветена на досегашните достигнувања на Универзитетот, но и на новите генерации академски образовани млади луѓе кои со своето знаење и професионален потенцијал треба да придонесуваат за развојот на општеството. Ректорот на Универзитет Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, во своето обраќање упати благодарност до присутните гости за поддршката, довербата и заедничкиот придонес во развојот на Универзитетот.