Заменик-директорот на „Национални шуми“, Кире Михаилов во објава на социјалните мрежи реагираше на последните случаи на напади врз службени лица од криминалци поврзани со дрвокрадството, притоа објавувајќи видео запис од уапсените дрвокрадци. Како што објави МВР, на 13 септември, околу 12:30 часот во село Банско, струмичко, полициски службеници биле нападнати од дрвокрадци, додека се обидувале да им извршат контрола. Притоа еден од возачите го стартувал возилото и удрил во полициски службеник од Фронтекс од Полска, а потоа и во трактор „ИМТ”, управуван од локален жител на Банско.