Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, и министерот Борче Серафимовски ја посетија Србија за да го зајакнат партнерството и да го олеснат прометот на живи животни и производи помеѓу двете земји, со акцент на унапредување на ветеринарните, земјоделските и трговските процедури Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов , заедно со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски , со стручни тимови од двете институции, остварија официјална посета на Република Србија, во чии рамки се сретнаа со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, проф. д-р Драган Гламочиќ , како и со потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за стопанство, Адријана Месаровиќ . Во фокусот на разговорите беа натамошното унапредување на соработката во земјоделството, ветеринарството и безбедноста на храната, како и создавањето услови за побрз, поедноставен и побезбеден промет на стоки меѓу Македонија и Србија. На средбата со министерот Гламочиќ посебно беше разговарано за увозот, извозот и транзитот на живи животни, производи од животинско потекло и други земјоделско-прехранбени производи од двете земји, како и за практичните прашања со кои се соочуваат операторите при нивниот прекуграничен промет. Посебно внимание беше посветено на можностите за забрзување и поедноставување на ветеринарните и фитосанитарните постапки, при целосно почитување на стандардите за здравствена заштита на животните и безбедност на храната.