„Во рамките на програмата на БИТ ФЕСТ, во организација на Културно – информативниот центар од Битола, на 6 август (четврток), со почеток во 20:00 часот, во Свечената сала на Офицерскиот дом ќе настапи реномираното Трио „Интерарт“, еден од најпрепознатливите македонски камерни ансамбли со богата домашна и меѓународна концертна кариера.
Денешната формација ја сочинуваат Александар Стефановски (флејта), Емилија Ристевска Стефановска (флејта) и Татјана Божиновска (пијано) – уметници кои зад себе имаат бројни солистички настапи, концертни турнеи и соработки со Македонската филхармонија.
„Ансамблот се афирмираше и на меѓународната сцена со освојувањето на престижната „Диплома на честа“ на Torneo Internazionale di Musica во Париз во 2006 година, по што беше поканет да настапи во Рим заедно со најдобрите камерни состави – лауреати од целиот свет.