Поради невремето што од средата вечер го зафати северниот дел на грчкиот остров Крит и се прошири кон јужниот дел, во областа Иерапетра противпожарната служба интервенирала за помош на 20 лица, а кај градот Ретимно евакуирала уште две лица и сите биле пренесени на безбедни локации, додека пак според податоците на метеоролошката служба „Метео“ на Националната опсерваторија во Атина, во изминатите два дена биле регистрирани огромни количества дожд, јави дописничката на МИА од Атина. Според противпожарната служба на Грција, во Иерапетра во јужниот дел на Крит, продолжуваат интензивните врнежи и поради наноси и зголемувањето на нивото на водата на коловозот, во прекин е сообраќајот на регионалниот пат кон Ситија, додека пак 20 лица, кои со нивните возила останале заглавени, биле безбедно евакуирани. Во изминатите речиси 24 часа, односно од вчера околу 7.30 часот заклучно со 6 часот утрово, оперативниот центар на Противпожарната служба примил 31 повик за испумпување вода и евакуации.