Долгогодишниот клучен, близок соработник на рускиот претседател, човекот од сенка, Николај Патрушев се закани дека Варшава „ќе престане да постои за два до три дена“ доколку дојде до воен конфликт со Русија. Ова е директниот одговор од Москва на неодамнешните изјави на шефот на полската дипломатија, Радослав Шикорски, за воената супериорност на НАТО над руските сили. „Тоа што Шикорски, тврдејќи дека Полска има воена супериорност над Русија, не го разбира е дека во случај на воени дејствија против Москва, Варшава би престанала да постои во рок од два до три дена“, рече Патрушев, додавајќи дека шефот на полската дипломатија „ја проценува руската воена моќ аматерски“ и одбива да разбере дека руските вооружени сили не го користат својот целосен потенцијал за време на нивната „специјална воена операција“ во Украина.