Ентони Фаучи, главен медицински советник на претседателот на САД за време на пандемијата со САРС ков-2 вирусот и тогашен директор на Националниот институт за алергија и заразни болести (NIAID), денеска во 8.30 часот по вашингтонско време во американскиот Сенат ќе биде испрашуван пред Комисијата за домашна безбедност и владини работи, со која претседава сенаторот Ранд Пол, републиканец од Кентаки. Сослушувањето ќе се случи неколку дена откога сенаторот Пол објави повеќе од 1.000 страници од дневниците на Фаучи, што предизвика негодување кај критичарите, кои потоа го обвинија Фаучи за опсесија со славата и за противречности за време на пандемијата на ковид-19. „ Влтрепорт“, пренесувајќи делови од неговото гостување на „Фокс њуз“ во понеделникот вечерта, пишува дека секретарот за здравство и човечки услуги на САД (HHS), Роберт Ф. Кенеди Помладиот, изнел сериозно, претходно неоткриено тврдење за Ентони Фаучи. Тој рекол дека Фаучи доживеал белодробен инфаркт речиси пет месеци откога јавно ја примил вакцината против ковид-19. Кенеди го обвинил поранешниот директор на NIAID дека никогаш не ја известил земјата за тоа и сугерирал дека е можно медицинскиот настан да е поврзан со вакцината.