Имињата на бранителите кои пред 25 години го положија својот живот за татковината кај месноста Љуботенски Бачила, да се спомнуваат со гордост, а нивното дело да биде вечен потсетник за нивната храброст и љубов кон татковината, напиша денеска министерот за одбрана, Владо Мисајловски на својот фејсбук профил. Како што наведува Мисајловски, храброста и пожртвуваноста на бранителите се траен аманет за идните генерации. На денешен датум, Македонија изгуби уште осум свои синови, осум македонски херои, припадници на резервниот состав на македонската Армија: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димоски, Раде Јанковски.