СДСМ упати критики кон премиерот Мицкоски, обвинувајќи го дека наместо конкретни резултати нуди изјави и обвинувања кон опозицијата и други чинители, истакнувајќи дека тој се претставува како експерт во повеќе области СДСМ преку соопштение упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски по неговото враќање од одмор, обвинувајќи го дека наместо конкретни резултати, повторно понудил низа изјави и обвинувања кон опозицијата, земјоделците и други чинители. Од партијата иронично го нарекоа неговото патување „научно-образовна екскурзија“, посочувајќи дека Мицкоски, според нив, се претставува како експерт за економија, туризам, авиосообраќај, технологија, образование и информатичка технологија. СДСМ се осврнува и на неговите изјави за чистењето на цевките во Гостивар, како и на тврдењето дека во државата во моментов се реализираат 1.200 проекти . Од опозициската партија го обвинуваат премиерот и дека избегнувал да одговори на прашања поврзани со историјата и Македонската православна црква, додека, како што велат, повторно ја обвинил опозицијата за ширење паника по информациите за наводно загадена вода во Скопје.