Под мотото „Само сонот е стварност“, од 20 до 27 август ќе се одржува 17. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“. Во осумте фестивалски дена ќе бидат прикажани 71 филм – нови документарци, ќе има над сто гости од странство и обемна дополнителна програма со мастер-класови, работилници, панел-дискусии и дводневен МакеКоПроДокс форум за развој на проекти од регионот (25-27 август). Фестивалот годинава ќе биде посветен на филмската критика и на Илинденка Петрушева (1944 –2025), филмски критичар, публицист, истражувач, долгогодишен раководител и советник во Кинотеката на Македонија, која беше посветена на истражувањето, проучувањето, прибирањето, архивирањето, презентацијата и популаризирањето на филмската уметност кај нас и со своите иницијативи ги постави темелите на филмскиот архив. Вечер посветена на нејзиниот опус ќе биде организирана во рамки на МакеДокс на 22 август од 19 часот во Сули ан. – Со својата заразна енергија Илинка во својот живот беше голем сонувач и голем борец, не само за своите соништа, туку и за туѓите, меѓу другото и за нашиот сон – МакеДокс и со својата енергија во сите овие години успеа да изнедри куп генерации филмаџии и филмољупци, и нè научи дека киното не е само простор туку состојба на духот – рече Петрула Вељановска, програмски координатор на МакеДокс, која на прес-конференција ја соопшти фестивалската програма, заедно со Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, и Сара Ферро, раководител на индустри програмата на МакеДокс.