На шест различни локации, во подрачјата на Мола Калива, Неа Скиони, во Калитеа, Ханиоти, како и во крајбрежната зона меѓу Криопиги и Полихроно, општина Касандра, на првиот крак на Халкидики, досега спроведе организирани акции за отстранување на нелегално поставената опрема на плажите, јави дописничката на МИА од Атина. Од општината информираа дека ваквите акции се спроведуваат од средината на јули, по поднесени пријави и теренски увиди на надлежни институции и посочија дека „опремата што ја отстрануваат општинските служби не им се враќа на сопствениците“, а чадорите, лежалките и другите предмети што се собираат се носат за рециклирање. Општина Касандра ги информира жителите, професионалците и посетителите дека е забрането трајно поставување и оставање на чадори, лежалки и друга опрема на плажите и јавните површини, со што се прекршува постоечкиот закон.