Безживотни тела на две лица биле пронајдени за време на гаснење на пожарот што избувна на грчкиот остров Саламина и брзо се прошири поради силниот ветер, а девет лица со изгореници се префрлени во болница, додека пак превентивно беа евакуирани шест населени места, јави дописничката на МИА од Атина. Во период од 15 минути избувнаа два пожари на две различни локации, едниот во јужниот, другиот во источниот дел на островот, а безживотните тела биле пронајдени на улица во близина започнал еден од пожарите. Во гаснењето интервенираат 192 пожарникари, со десет пешадиски тима и 48 возила, помагаат доброволци и цистерни од општината, а за гаснење од воздух се ангажирани и периодично интервенираат шест авиони и осум хеликоптери, од кои еден за координација.